Социјалните претпријатија како можност за економски развој, соработка и напредок на заедниците преку развојот на социјалното претприемништво, беа тема на завршната конференција од прекуграничен проект „Социјално претприемништво за развој на регионот” што се одржа во „Европската куќа Крива Паланка“. На конференцијата се дискутираше моменталните состојби на солидарната економија, европските искуства, законските рамки кои се во најава во земјава, а говореа организаторите, партнерите од проектот и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој ги поздрави и го пренесе искуството од прекугранична соработка со Србија на Општина Крива Паланка и Лесковац.
На првиот панел се дискутираа моменталните состојби на солидарната економија, европските искуства, законските рамки кои се во најава, за кои говореше Барбара Садовска, претседателка на фондацијата „Барка”од Полска и тим лидерка на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија”, за тоа како функционираат во соседството, Зорана Миловановиќ – Коалиција за развој на солидарна економија и Снежана Милисављевиќ – „Путоказ Крагујевац”, како и владината претставничка, Нола Исмајлоска Старова, национален координатор за регионална соработка и европска интеграција, која ги презентираше можностите за пласман на заеднички пазари и економските потенцијали кои ги нуди програмата „Отворен Балкан“.
Овој проект е плод на деветгодишната соработка помеѓу АРНО и Фондацијата Траг од Србија, во рамки на регионалниот натпревар за зелени идеи. Идејата да аплицираме на првиот повик за прекугранична соработка дојде органски, и сме благодарни на европската донаторска поддршка. Социјалното претприемништво е потребно на нашите граѓани, регионот има слични предизвици, но и јасни патокази каде треба да оди – кон инклузија, кон стабилни пазари, кон Европа. Ова денес не е ниту почеток, ниту крај, само дел од една приказна која треба да ја раскажуваме гласно, за да одекне од двете страни на границата и да инспирира се повеќе социјални и зелени бизниси. Што сме посадиле тоа и ќе никне- нека е тоа знаење, помош и солидарност, изјави Ирина Јаневска од АРНО. Присутните на настанот добија садлива картичка која е промотивен еко-материјал на проектот изработен од македонски зелен бизнис, еко-моливи од српски зелени бизнис и календар со слики и пораки на 12-те македонски и српски социјални претпријатија кои учествуваа во проектот.
Овој проект е финансиран од Европската унија преку грант во вредност од 159.000.00 €, Одделот за договори и финансирање на програми финансирани од Европската унија во рамки на Министерство за финансии, кои потпиша овој договор за грант во рамките на програмата ИПА II за прекугранична соработка 2106-2020 Србија – Северна Македонија.
Photos: Saša Đorđević and Jelena Đukić Pejić